Ömer Tuğrul Çam
09 Мај 2022•Ажурирај: 10 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија има за цел во јуни да го претстави своето мислење за одговорите на Украина на „прашалникот“, кој се смета за прв чекор кон пристапување во 27-члената унија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку видеоконференциска врска разговараше со украинскиот претседател Владимир Зеленски по повод 9 Мај, Денот на Европа.
Фон дер Лајен во објавата на социјалните мрежи истакна дека со Зеленски размениле мислења за резултатите од вчерашната средба со лидерите на земјите од Г7 во однос на Украина.
Истакнувајќи дека на состанокот разговарале и за процесот за приклучување на Украина во ЕУ, Фон дер Лајен рече: „Со нетрпение очекувам да ги добијам одговорите од Украина на прашалникот за членство во ЕУ. Комисијата на ЕУ планира своето мислење да го искаже во јуни.“
По рускиот напад, украинската администрација соопшти дека сака што поскоро да стане членка на ЕУ.
Од страна на ЕУ во однос на членството на Украина беа дадени позитивни пораки.
Една земја треба да пополни документ наречен прашалник, што се смета за еден од првите чекори во процесот за членство во ЕУ, и да го достави до Европската комисија.
Комисијата во однос на документот го дава своето мислење и препораката ја споделува со земјите членки на ЕУ.
Фон дер Лајен му го препрати прашалникот на претседателот Зеленски за време на нејзината посета на Украина на 8 април.
Украинските власти соопштија дека документот го подготвиле на 18 април.
Претставниците на голем број земји членки на ЕУ, наведувајќи дека потребни се месеци за да се подготви овој документ од илјадници страници, истакнаа дека необично е што Украина за толку кратко време го подготвила документот.
Лидерите на земјите од ЕУ ќе одржат специјален самит на 30 и 31 мај на кој ќе разговараат за војната и енергетските прашања во Украина.
Водачите на ЕУ, исто така, ќе се состанат на планираниот самит на 24-25 јуни.