Selen Temizer
07 Декември 2021•Ажурирај: 08 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, истакна дека ЕУ е далеку зад големите сили во областа на одбранбената технологија, „ние мора или да инвестираме во областа на одбранбените иновации или ќе останеме ‘надвор од опсегот‘“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел имаше обраќање на годишната конференција насловена „Иновации во европската одбрана“ на Европската агенција за одбрана (EDA), што се одржува во Брисел.
„Како земји од ЕУ мораме заедно да направиме многу повеќе и мора веднаш. Или ќе инвестираме во иновации во одбраната или ќе бидеме ‘надвор од опсегот‘“, нагласи Борел.
Истакнувајќи дека новите технологии, како што е вештачката интелигенција, го промениле карактерот на војните, Борел додаде: „Големите сили брзо ги развиваат новите технологии и ги операционализираат за воени цели.“
Наведе дека ЕУ во оваа смисла многу заостанува зад големите сили, и нагласи дека јазот меѓу ЕУ и големите сили е зголемен.
Соопштувајќи ги најновите податоци на Европската агенција за одбрана, Борел посочи дека земјите членки потрошиле 2,5 милијарди евра за истражување и технологија во 2020 година, што одговара на 1,2 отсто од нивните вкупни трошоци за одбрана.
Нагласи дека САД потрошиле најмалку 14 милијарди евра, и додаде: „Гугл инвестира 10 пати повеќе во истражување и развој отколку што ЕУ троши за одбранбената технологија.“
Борел, ја истакна важноста на Стратешкиот компас, и рече дека не само владите, туку и граѓаните треба да ја разберат важноста на инвестициите на ЕУ во оваа област.
Стратешкиот компас, што ќе служи како оперативен водич за развојот и донесувањето одлуки на ЕУ во областа на одбраната и безбедноста, се планира да ја добие својата конечна форма на Самитот на лидерите на ЕУ што ќе се одржи во март 2022 година.