Berk Özkan, Hatice Şenses Kurukız
25 Септември 2021•Ажурирај: 27 Септември 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ниже важни успеси во областа на енергетските трансформации, обновливата енергија и енергетската ефикасност, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган преку видеопорака им се обрати на учесниците на состанокот за енергетски дијалог на Обединетите нации.
Претседателот Ердоган нагласи дека глобалното загревање и климатските промени спаѓаат во најважните предизвици во историјата на човештвото.
Укажувајќи на природните катастрофи, здравствените проблеми и социоекономските кризи што климатските промени ги предизвикуваат во сите делови од светот, Ердоган рече дека со таква криза може да се управува исклучиво со глобална соработка.
„Затоа никој не смее да се запостави и потребно е обезбедување правична распределба на товарот. Јасно е дека во тој контекст најголем придонес треба да даде енергетскиот сектор. Јасна е формулата, намалување на користењето на традиционалните, а зголемување на обновливите и чисти извори на енергија. Потребно е да се зголеми енергетската ефикасност“, порача Ердоган.
Претседателот Ердоган рече дека Турција се наоѓа на 5. место во Европа, а на 12. место во светот по инсталираните постројки базирани врз обновливи извори на енергија.
Истакнувајќи дека енергетската трансформација не е лесен процес, Ердоган рече дека тоа носи глобални и локални последици и бара креирање адекватни политики базирани на условите на секоја земја одделно.
„Како одговорен член на меѓународната заедница, Турција ќе продолжи да инвестира и да ги извршува своите обврски во решавањето на климатската криза, обезбедувајќи трансформација на чистата енергија. Му се заблагодарувам на уважениот пријател, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и посакувам овој собир да биде од корист за човештвото“, заклучи Ердоган.