Mehmet Tosun
16 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
ДУБАИ (АА) ‒ Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција наредната година планира да го реализира првото грубо слетување на Месечината со својата национална и автентична ракета, и дека соработката и размената на искуства на вселенските агенции на Турција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во наредниот период ќе бидат од заеднички интерес на двете држави, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во рамките на посетата на Обединетите Арапски Емирати го посети и саемот „Дубаи експо“, каде што вчера се состана и разговараше со младите.
Изразувајќи задоволство што ги запознал младите луѓе кои се иднината на ОАЕ, Ердоган рече дека начинот на кој младите со надеж и возбуда гледаат на животот, претставува извор на инспирација и храброст за остварување нови цели.
„Со силата која ја добиваме од вас деноноќно работиме на воспоставување поубав, попросперитетен и помирен свет. Со тоа разбирање, преземаме нови чекори за зајакнување на нашата врска и соработка помеѓу младите на Турција и ОАЕ“, нагласи Ердоган.
Потсети дека во тој контекст во Абу Даби е потпишан Меморандум за разбирање и соработка во областа на младите луѓе и истакна дека е надминат важен праг за младите да ги остварат своите соништа.
Турскиот претседател ги повика младите да дејствуваат како волонтерски пратеници во поврзувањето на Турција и ОАЕ, бидејќи, како што рече „како две пријателски и братски земји, имаме широк спектар на можности за сериозна соработка“.
„Делиме слични визии, особено во областа на вселенските програми и иновативните технологии. Минатата година ја најавивме Националната вселенска програма, која е производ на долгорочно планирање и проучување. Се надеваме дека на 100-годишнината на Републиката, идната година, со нашата национална и автентична ракета ќе извршиме грубо слетување на Месечината“, рече Ердоган.
„Во деновите кога Турција ја објави својата вселенска програма, ОАЕ успешно ја остварија мисијата на Марс, која ја нарекоа „Надеж““, потсети Ердоган, истакнувајќи дека мисијата „Надеж“, која неодамна ја завршила својата прва година во орбитата, во суштина претставува „надеж за сите нас“.
Честитајќи им на оние кои придонесоа за овој успех, остварен следејќи ја визијата на шеикот Зајед, Ердоган изјави дека смета оти претприемачките, иновациските и инвестициските екосистеми на Турција и ОАЕ меѓусебно се комплементарни.
Истакна дека слоганот на „Дубаи експо“, „Спојување на умови, создавање иднина“, укажува на неопходноста во постигнувањето на таа согласност.
„Во тој контекст мораме забрзано да ја развиваме нашата работа во областите како што се вселената, технологијата, старт-ап компаниите и научните соработки. Ќе ни биде заеднички интерес нашите вселенски агенции во наредниот период ефективно да соработуваат и разменуваат искуства. Постои изрека која секогаш ја кажуваме: „Судбината е вљубена во трудот“. За наука, знаење, мудрост и разбирање потребна е прво вера, а потоа труд. Само на тој начин можеме своите соништа и цели да ги претвориме во реалност. Во вашите очи го гледам тоа уверување, таа одлучност и труд“, заклучи Ердоган.