Erdoğan Çağatay Zontur
26 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека очекува Соединетите Американски Држави (САД) да ја исклучат Турција од какви било идни тарифи, во услови на стратешко партнерство меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Верувам дека отворањето на преговорите за Договорот за слободна трговија ќе биде корисно за постигнување на целниот обем на трговска размена“, изјави Ердоган, говорејќи во рамките на 10. Tурска инвестициска конференција, организирана од Бизнис советот Турција-САД (TAIK) во Њујорк.
Ердоган нагласи и дека таквиот договор примарно ќе придонесе за развојот на трговските и економските односи меѓу двете земји.
„Покрај тоа, договорот ќе овозможи турските и американските компании да се отворат кон географските подрачја на двете земји, дури и да развијат заеднички проекти во трети земји“, додаде тој.
„Ние сакаме САД да ги земат предвид и да отстранат некои од мерките имплементирани против нашата земја. Одлуките, како што се додатните тарифи на нашиот извоз на челик и алуминиум и исклучувањето од Општиот систем за преференции, мора да се сменат“.
„Неодамна, доживеавме процес кога турско-американските односи беа сериозно ставени на тест. Но, благодарение на блискиот дијалог и комуникација што ја воспоставивме со мојот почитуван пријател, претседателот Трамп, го надминавме овој проблематичен процес“.
Ердоган, исто така, нагласи дека двајцата лидери ќе се фокусираат на позитивна агенда.
„Еден од најважните елементи на позитивната агенда е да се зголемат нашите економски и трговски односи на ниво што го рефлектира вистинскиот потенцијал“.
Тој нагласи дека трговските војни ја зголемиле несигурноста и предизвикале тешка штета за развојните економии.
„Околу 250 билиони долари глобален долг ја открива чувствителноста на ситуацијата. Веруваме дека најголемите две економии во светот ќе дејствуваат одговорно“, рече тој, осврнувајќи се на Кина и на САД.
„Овие спорови треба да бидат решени што е можно поскоро во рамките на воспоставените односи на Светската трговска организација“, рече тој.