Zafer Fatih Beyaz
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи да го дава својот придонес во рамките на НАТО сојузот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција ќе продолжи да придонесува кон НАТО-мерките за одвраќање и одбрана засновани на солидарноста на Алијансата. Ја очекуваме истата солидарност од нашите сојузници. НАТО мора да заземе реален и стратешки пристап, додека обезбедува политичка и практична поддршка на Украина во постоечкото воено опкружување“, рече Ердоган на прес-конференцијата во седиштето на воената Алијанса во Брисел, по вонредниот самит на шефовите на држави и влади на НАТО.
Тој се осврна и на војната меѓу Русија и Украина, напоменувајќи дека Турција е во близок контакт со двете страни за што поскоро ставање крај на војната.
„Ќе ги продолжиме нашите разговори и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Владимир Зеленски. Вложуваме напори да креираме атмосфера на мир, особено преку разговор на двајцата лидери“, рече Ердоган и додаде:
„Доколку има барање и предлози Турција да биде посредник, ние сме подготвени за тоа. Спремни сме да го преземеме тој чекор.“
Нагласи дека сите земји треба да пружат помош и поддршка за бегалците.
„Сите, особено европските земји, треба да ги поддржат бегалците кои доаѓаат пред нивните врати и да ја преземат одговорноста со цел да го ублажат нивното страдање“, рече Ердоган
Тој додаде дека најважно е да се постигне мир и соодветно решение за војната во Украина.
„Мислиме дека конечното решение треба да се заснова на кредибилна формула која ќе ја прифатат Русија, Украина и меѓународната заедница“, истакна Ердоган.
Како што рече, последните случувања покажуваат дека се потребни реформи во Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Во овој момент неизбежно е глобалната безбедносна архитектура, особено Советот за безбедност на ОН, да претрпи сериозни реформи“, рече турскиот претседател.
Во седиштето на Северноатлантскиот сојуз (НАТО) во Брисел, главниот град на Белгија, се одржа вонреден самит на лидерите на земјите членки на НАТО, на кој присуствуваа шефовите на државите и владите на членките. Лидерите на 30-те земји членки на НАТО се состанаа за да разговараат за ситуацијата по рускиот напад врз Украина и за долгорочниот став на НАТО во Источна Европа.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со руските напади на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции против Москва и го поттикна заминувањето на светските компании од Русија.
Оттогаш, според ОН, во Украина загинале најмалку 977 цивили, а 1.594 се ранети. Во исто време, над 3,6 милиони Украинци избегаа во соседните земји.