Aylin Dal
25 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во Анкара изјави дека со потпишаниот договор меѓу двете земји, неговата државата прв пат во својата историја, со извозот во Полска, извезува борбени беспилотни летала на една членка на Европската Унија (ЕУ) и НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Прв пат во историјата Турција извезува беспилотни летала на членка на НАТО и Европската Унија“, изјави Ердоган, коментирајќи го извозот на борбените беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“ на Полска, на вчерашната заедничката прес-конференција со полскиот претседател Анджеј Себастијан Дуда.
Договорот за испорака на беспилотни борбени дронови на Полска го потпишаа министерот за одбрана на таа земја, Мариуш Блашчак, и генералниот директор на турската компанија „Бајкар“, Халук Бајрактар.
Ердоган додаде дека Турција во последните 19 години со значајни чекори во одбранбената индустрија влегла меѓу светските гиганти во оваа област.
Турскиот претседател изјави и дека во рамките на НАТО, мисијата за воздушен надзор на Турција наскоро испраќа авиони „Ф-16“ во Полска.
Ердоган ја поздрави одлуката на Полска да испрати авион на морнаричката патрола и воена мисија во базата „Инџирлик“, како дел од безбедносните мерки на НАТО приспособени на Турција.