Enes Kaplan
05 Октомври 2020•Ажурирај: 06 Октомври 2020
АНКАРА
Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Турција ја поддржува иницијативата која НАТО ја покрена со цел намалување на ризикот и превенција на несреќи помеѓу воените елементи на Турција и Грција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Претседателската палата во Анкара Ердоган го прими генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а од Дирекцијата за комуникации е соопштено дека на состанокот се разговарало за низа регионални и глобални теми, вклучувајќи ги ситуациите на истокот на Медитеранот, како и за ситуациите во Сирија и Либија.
„Претседателот Ердоган на секретарот Столтенберг му рекол дека сојузниците во НАТО треба да покажат конкретна солидарност со Турција", се наведува во соопштението.
Тој додаде дека Турција е единствена членка на НАТО која зазеде одлучен став и помогна во процесот на обнова на рамнотежа на силите во Либија и дека е единствена која води боба со мигрантската и бегалската криза поради безбедноста на целиот регион и Европа.
Од Дирекцијата при Кабинетот на турскиот претседател исто така наведоа дека Ердоган го информирал Столтенберг дека некои членки на НАТО соработуваат со терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Ердоган на Столтенберг му рекол и дека солидарноста меѓу сојузниците на НАТО е загрозена поради фактот дека некои земји членки на тој сојуз им пружаат засолниште и ги штитат терористите на ФЕТО кои во јули во 2016 година се обидоа да извршат воен удар во Турција.