Atila Altuntaş
21 Јануари 2023•Ажурирај: 22 Јануари 2023
СТОКХОЛМ (АА) - Расмус Палудан, лидерот на крајно десничарската данска партија Страм Курс (Цврст курс), денеска запали примерок од светата книга Куран пред турската Амбасада во Стокхолм, јавува Агенција Анадолија (АА).
Палудан беше опкружен со бројни припадници на полицијата додека го изведуваше чинот на палење на Куранот во близина на турската Амбасада. Никому не му беше дозволено да се приближи до Палудан.
Во вчерашното соопштение на полициската управа на Стокхолм се наведува дека на Палудан му се дозволува да одржи протест в сабота во близина на турската Амбасада.
Палудан во изјава за шведските медиуми на 15 јануари рече дека повеќе нема да доаѓа во Шведска за повторно палење на Куранот и дека полицијата не може да го заштити.
Меѓутоа, како што наведе шведската државна телевизија СВТ, шведскиот новинар Чанг Фрик му понудил на Палудан да го запали Куранот пред турската Амбасада во Стокхолм и гарантирал дека ќе ги покрие сите трошоци.
Во изјава за СВТ, Фрик рече дека ѝ ја платил на полицијата дозволата за одржување на протестот и дека ќе го искористи своето право да известува за тоа како новинар.