Betül Yılmaz
08 Мај 2025•Ажурирај: 10 Мај 2025
БЕЈРУТ/ИСТАНБУЛ (АА) – Едно лице е убиено, а осум се повредени во израелските воздушни напади во јужен Либан денес, што е најновото кршење на договорот за прекин на огнот, соопшти Министерството за здравство, јавува Анадолу.
Министерството истакна дека жртви се пријавени во нападите врз покраината Набатија.
Државната новинска агенција ННА соопшти дека два брана воздушни напади ја погодиле шумата Али ал-Тахер и поранешното археолошко наоѓалиште во Набатија.
Израелските извидувачки беспилотни летала и борбени авиони, исто така, летале на средна надморска височина во неколку области во јужен Либан, соопшти новинската агенција.
Израелската Армија соопшти дека нападите биле насочени кон подрачје што го користи Хезболах за управување со своите системи за истрелување и одбрана, додавајќи дека подрачјето е ставено во нефункционална состојба.
Нема коментар од Хезболах за израелските тврдења.
Либанскиот премиер Наваф Салам повика на итно прекинување на израелското кршење на договорот за прекин на огнот.
Во соопштението, Салам рече дека либанската Влада „не штедела никакви дипломатски напори за повлекување на Израел и запирање на неговите прекршувања“.
Од ноември во Либан е во сила кревок прекин на огнот, со што завршија месеците прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах, која ескалираше во целосен конфликт во септември.
Либанските власти пријавија речиси 3.000 израелски прекршувања на примирјето, како и речиси 200 загинати луѓе и повредени околу 500 други.
Според договорот за прекин на огнот, Израел требаше целосно да се повлече од јужен Либан до 26 јануари, но рокот беше продолжен до 18 февруари откако Израел одби да го испочитува.
Израел сè уште има воено присуство на пет гранични пунктови.