Ali Rezzakoğlu
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Висок претставник на Министерството за надворешни работи од Египет треба да пристигне наскоро во главниот турски град Анкара, со цел продолжување на прелиминарни разговори со Турција, објави денес египетското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството соопшти дека амбасадорот Хамди Лоза, заменик-министер за надворешни работи на земјата, ќе престојува во посета на Анкара на 7 и 8 септември за втората рунда разговори со Турција.
Претходно минатиот месец, египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри, рече дека имало контакти на различни нивоа со Турција за да се постави „оптималната рамка за односите и начинот на нивно продолжување“.
Министерството соопшти дека посетата на Лоза била одговор на поканата на турското Министерство за надворешни работи.
„Втората рунда разговори за истражувања меѓу Египет и Турција се очекува да ги опфати билатералните односи, како и голем број регионални прашања“, се додава.
На 5 мај, турската делегација предводена од заменик-министерот за надворешни работи, Седат Онал, го посети Каиро на покана од Египет. На крајот од посетата, двете земји издадоа заедничка изјава во која се опишува рундата прелиминарни билатерални разговори како искрена и длабока.
И Каиро и Анкара покажаа позитивни знаци во последните месеци, вклучително и со изјавите на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, за можноста двете земји да преговараат за разграничување на нивните поморски граници во Источниот Медитеран.
Потоа следуваше пофалба од страна на египетскиот министер за информации, Осама Хејкал, за неодамнешните одлуки и насоки на Турската влада за односите со Каиро, опишувајќи ги како добар гест.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на 7 мај најави почеток на нова фаза во односите со Египет, нагласувајќи дека разговорите ќе продолжат, ќе се развиваат и прошируваат.
Односите меѓу Турција и Египет продолжуваат на ниво на вршител на должноста од 2013 година. Во овој период се одржаа кратки средби меѓу министрите за надворешни работи на двете земји во различни прилики.
Во меѓувреме, Турската амбасада во Каиро и Конзулатот во Александрија, како и Египетската амбасада во Анкара и Конзулатот во Истанбул, ги продолжија своите вообичаени активности.