Betül Yılmaz
08 Април 2025•Ажурирај: 09 Април 2025
КАИРО/ИСТАНБУЛ (АА) – Лидерите на Египет, Јордан и Франција денес повикаа на меѓународен притисок врз Израел за прекин на разорната војна во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Апелот беше упатен за време на самитот за Газа што се одржа во Каиро, на кој присуствуваа египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, францускиот претседател Емануел Макрон и кралот на Јордан, Абдула Втори.
Според соопштението од египетското Претседателство, тројцата лидери повикаа на „итно враќање на прекинот на огнот за заштита на Палестинците и обезбедување итна хуманитарна помош“.
Во соопштението на Кралскиот двор на Јордан се наведува дека лидерите побарале од меѓународната заедница „да изврши притисок за прекин на војната на Израел против Газа, целосна имплементација на договорот за прекин на огнот и продолжување на доставувањето неопходна хуманитарна помош за да се запре влошувањето на хуманитарната криза со која се соочуваат жителите на Газа“.
Кралот Абдула предупреди дека продолжувањето на израелските напади „ги поткопува сите дипломатски и хуманитарни напори за ставање крај на кризата и претставува закана за целокупната стабилност на регионот“.
Тој нагласи дека е неопходно да се постигне регионален мир и да се создаде политичка перспектива за праведно и сеопфатно решение базирано врз принципот на две држави – што ќе обезбеди стабилност и безбедност за Палестинците, Израелците и целиот регион.
Јорданскиот крал го пофали ангажманот на Египет во поддршката на арапските прашања, особено палестинското, како и поддршката од Франција за прекин на огнот и за арапскиот план за обнова на Газа.
Кралот Абдула уште еднаш го повтори јасниот став на Јордан против присилното раселување на Палестинците од Газа и окупираниот Западен Брег и предупреди на „опасноста од продолжување на едностраните мерки против Палестинците, како и уривање на муслиманските и христијанските свети места во Ерусалим“.
Тројцата лидери ја нагласија „важноста од здружени меѓународни напори, особено од земјите на ЕУ, како Франција, за поддршка на арапскиот план за реконструкција на Газа“.
Тие, исто така, повикаа на создавање политички пат кој ќе води кон воспоставување независна палестинска држава, со источен Ерусалим како главен град, траен мир и безбедност во регионот и крај на ескалацијата на конфликтот.
Самитот се одржа во време кога израелската војска ги засили нападите врз Појасот Газа, каде што од 18 март досега се убиени речиси 1.400 луѓе, а над 3.400 се повредени и покрај постигнатиот договор за прекин на огнот и размена на затвореници.
Од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година во Појасот Газа се убиени над 50.700 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за војната во Газа.