Hajer M'tırı
06 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
ПАРИЗ (АА) - Европскиот парламент денес го одобри планот за укинување на визите за украинските граѓани кои патуваат во земјите на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во рамките на новиот закон, Украинците кои имаат биометриски пасош ќе бидат во можност да патуваат во ЕУ без виза за 90 дена во 180-дневен период, како туристи, да посетат роднини или пријатели, за бизнис цели, но не и за работа“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.
Визното ослободување се однесува за сите земји-членки на ЕУ, освен за Ирска и за Велика Британија, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и за Швајцарија.
„Украина ги има исполнето сите критериуми, така што визниот режим треба да биде укинат“, изјави известувачот Марија Габриел, додавајќи дека укинувањето на визите ќе биде уште една силна порака дека Украина е клучен партнер за ЕУ во Источното партнерство.
Оваа мерка ќе стапи на сила во јуни, но сѐ уште, потребно е таа официјално да биде прифатена од Советот на министри.
Пред два месеца, европските пратеници усвоија слична легислатива за Грузија. Двете поранешни советски земји долго време упатуваа повик до ЕУ да воведе безвизен режим за нивните граѓани, за да им помогне во продлабочувањето на односите со Западот.
Во 2014 година, Грузија и Украина потпишаа договор за асоцијација со ЕУ, за продлабочување на политичките и економските врски со унијата, вклучувајќи ја и слободната трговија.