свет

Евакуирани 7.500 лица, сериозни нарушувања во сообраќајот по невремето во Јужна Шпанија

Обилни дождови го зафатија регионот како резултат на феноменот „атмосферска река“, дополнително влошувајќи ги последиците од неколкуте бури што со недели го погодуваат јужниот дел на Шпанија

Alyssa Mcmurtry  | 06.02.2026 - Обновена : 06.02.2026
Евакуирани 7.500 лица, сериозни нарушувања во сообраќајот по невремето во Јужна Шпанија

ОВИЕДО (АА) – Околу 7.500 лица беа принудени да ги напуштат своите домови во јужниот шпански регион Андалузија по повеќедневните обилни врнежи од дожд што предизвикаа големи поплави, а надлежните предупредуваат дека состојбата може дополнително да се влоши поради најавата за нова силна бура, јавува Анадолу.

Обилни дождови го зафатија регионот како резултат на феноменот „атмосферска река“, дополнително влошувајќи ги последиците од неколкуте бури што со недели го погодуваат јужниот дел на Шпанија. Денес се намалени врнежите од дожд, но метеоролозите предупредуваат дека во сабота се очекува ново невреме.

Реките и акумулациите низ Андалузија остануваат на опасно високо ниво, поради што се преземаат евакуации во повеќе подрачја.

„Почвата веќе не може да ја впива водата. Таа практично ја исфрла дождовницата. Коритата на реките се исполнети, а акумулациите се на максимално безбедно ниво“, изјави претседателот на регионалната Влада на Андалузија, Хуан Мануел Морено, за шпанскиот радиодифузер РНЕ.

Меѓу најкритичните ситуации е по должината на реката Гвадалкивир во градот Кордоба, каде што околу 700 домаќинства беа евакуирани во периферните делови, особено во близина на аеродромот, кој е затворен до натамошно известување.

Невремето сериозно го наруши и сообраќајот во регионот. Денес беа откажани сите возови на националниот оператор Ренфе, а затворени беа 84 автопати.

Опасна состојба е забележана и во планинскиот град Гразалема, каде што сите 1.500 жители беа евакуирани во четвртокот откако во текот на ноќта биле слушнати силни звуци на пукање во земјиштето.

„Кога подземните водни слоеви целосно ќе се наполнат, водата мора да најде излез. Тоа создава притисок во нивните ѕидови и може да предизвика мали свлечишта или поместувања на земјата, а тие потенцијално може да оштетат улици или објекти“, објасни Морено.

Морено рече дека жителите веројатно нема да се вратат дома најмалку шест дена.

Во други делови од регионот реките, како Гвадалете, веќе се излеале од коритата, поплавувајќи населени места, меѓу кои и Аркос де ла Фронтера, каде што беа евакуирани околу 800 лица.

Една жена сè уште се води како исчезната, но Морено оцени дека е забележан мал број на жртви, со оглед на обемот на катастрофата.

„Гледајќи ја големината на оваа катастрофа, можевме да очекуваме десетици загинати“, изјави тој за РНЕ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.