Servet Günerigök
12 Јуни 2022•Ажурирај: 13 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Десетици илјади луѓе демонстрираа против вооруженото насилство низ Соединетите Американски Држави (САД) по серијата масовни пукања во последните месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестите, на кои се повикува на дејствување кон контрола на оружјето, беа организирани од организацијата „Марш за нашите животи“, основана од ученици кои преживеале масовно пукање во училиште во Паркленд, Флорида, во 2018 година.
Во Вашингтон, демонстрантите се собраа пред Националниот трговски центар, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Контрола на оружјето, сега“, „Крај на насилството со оружје“, „Доста е“ и „Заштитете ги децата, а не оружјето“.
Градоначалничката Мјуриел Баусер, исто така, се обрати на демонстрантите што се собраа околу споменикот во Вашингтон, барајќи од Конгресот да ги спроведе законите за оружје со цел борба против вооруженото насилство.
„Здрав разум е да се забранат јуришните пушки во нашата земја“, рече Баусер.
Нејзе ѝ се придружија деца кои носеа транспаренти на кои пишуваше „Книги, не куршуми“ и „Децата за безбедни училишта“.
Демонстрациите низ целата земја се одговор на последното пукање во училиштето во Увалде, Тексас, и смртоносниот расистички напад во Бафало, Њујорк.
18-годишен напаѓач влезе во основно училиште во Увалде и уби 19 ученици и двајца наставници на 24 мај. Десет дена пред тоа, вооружен белец упадна во супермаркет во населба со мнозинско црнечко население во Бафало и уби 10 луѓе. Властите го нарекоа пукањето во Бафало „расно мотивирано злосторство од омраза“.
Американскиот претседател Џо Бајден континуирано упатува повици до Конгресот да донесе построги закони за оружјето со цел да се намали вооруженото насилство низ целата земја. Претставничкиот дом го усвои оваа недела „Законот за заштита на нашите деца“, чија цел е да се спречи вооруженото насилство.
Предлог-законот, меѓу останатото, бара да се зголеми возраста за купување автоматски пушки од 18 на 21 година.
Освен во главниот град на САД, демонстрации се одржаа и во Њујорк, Лос Анџелес, Чикаго, Бостон и други градови.
Најмалку 255 масовни пукања се имаат случено во САД оваа година, според непрофитната „Архива на вооруженото насилство“.