Ahmed Asmar
03 Март 2025•Ажурирај: 04 Март 2025
АНКАРА (АА) - Двајца Палестинци се убиени, а тројца се повредени денес од оган на израелската армија во јужниот дел на Газа, во најновото прекршување на договорот за прекин на огнот и размена на затвореници, јавува Анадолу.
Медицински извори изјавија дека две лица се убиени во напад со дрон во центарот на градот Рафа во Јужна Газа.
Уште три лица се повредени при ракетен напад во западниот дел на Кан Јунис во Јужна Газа, соопштија медицински извори.
Израелската армија од вчера ги ескалира нападите, веднаш по истекот на првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа.
Четворица Палестинци се убиени во слични израелски напади во Појасот Газа во текот на вчерашниот ден.
Израелската Влада вчера го запре влезот на хуманитарна помош во Газа бидејќи премиерот Бенјамин Нетанјаху одби да ги започне преговорите за втората фаза од договорот за прекин на огнот.
Договорот ја прекина геноцидната војна на Израел врз Газа, во која се убиени над 48.380 Палестинци, главно жени и деца, а која ја остави енклавата во урнатини.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.