Betül Yürük
22 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, ги повика страните во Либија да се придржуваат на примирјето, кое треба да се преиначи во политички процес за решавање на кризата во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гутереш на затворената седница го извести Советот за безбедност на ОН за неделната мировна конференција за Либија одржана во Берлин.
По завршувањето на седницата, Гутереш на новинарите им рече дека Берлинската конференција е голем чекор, но дека тоа е само почеток на процесот за решавање на либиската криза.
Тој најави дека со задачата за нормализација на политичките можности и со водење на реформските процеси во Либија ќе биде формиран политички форум во чиј состав ќе бидат експерти, кои со согласување на либиските страни ќе ги именуваат ОН.
„Пред нас е долг пат. Примирјето е во сила и покрај помалите кршења. Со примирјето мораме да преминеме на вистински политички процес, а сè уште не сме на тоа поле“, порача Гутереш.
Тој изјави дека Советот за безбедност и сите земји треба да го искористат влијанието и да ги наговорат страните во Либија на почитување на примирјето и на мапата за патот на политичкиот процес.
Оцени дека е неприфатливо какво било кршење на постоечкото ембарго на оружјето за Либија.
Првиот човек на ОН ги повика шефот на меѓународно признатата либиска Влада за национално единство на Либија, Фајез ал Сараџ, и Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните источни либиски сили, да ги почитуваат заклучоците на Берлинската конференција и да покажат лидерски способности во процесот на градење единство и мир во Либија.