Nilay Kar
14 Април 2018•Ажурирај: 15 Април 2018
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди за опасноста од каква било понатамошна ескалација, откако САД, Велика Британија и Франција извршија заеднички воздушен напад насочен кон капацитетите за хемиско вооружување на силите лојални на режимот на Башар ал Асад, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Внимателно ги следам извештаите за воздушните напади во Сирија извршени од страна на САД, Велика Британија и Франција. Ги повикувам членовите на Советот за безбедност на ОН да се обединат и да покажат одговорност. Ги повикувам сите земји-членки да покажат воздржаност во овие опасни околности и да избегнат каква било акција што би можела да ја ескалира ситуацијата и да ги влоши страдањата на сирискиот народ“, рече Гутереш во изјавата.
Тој, уважувајќи го фактот дека употребата на хемиско оружје е „грозна“, додаде:
„Страдањето кое го предизвикува е ужасно. Јас повеќепати го изразив моето длабоко разочарување поради тоа што Советот за безбедност не се согласи да биде посветен на механизмот за ефективна одговорност за употребата на хемиско оружје во Сирија. Го повикувам Советот за безбедност да ја преземе одговорноста и да ги надмине несогласувањата. Ќе продолжам да се ангажирам со земјите-членки за да ја постигнеме оваа цел.“
Како одговор на нападот со хемиско оружје врз Дума на 7 април, САД, Велика Британија и Франција рано утрово бомбардираа повеќе позиции на режимот на Асад во Дамаск и Хомс, а меѓу другото, се работи и за магацини со хемиско оружје.