Ahmet Gençtürk
03 Март 2023•Ажурирај: 04 Март 2023
АТИНА (АА) – Вработените во грчката железница денес стапуваат во уште еден 24-часовен штрајк при растечкиот гнев поради трагичната несреќа која однесе најмалку 57 животи, јавува Анадолу.
Штрајкот го свика Панхеленската федерација на железнички работници (POS), која вината за големата несреќа којашто се случи во вторникот близу Лариса, ја стави на неуспехот на Владата да ја обнови застарената железничка мрежа.
Синдикатот го одржа првичниот целодневен штрајк вчера.
Државната новинска агенција АМНА објави дека сите национални и приградски железнички линии ќе бидат погодени.
Во соопштението на ПОС се вели дека синдикатот ќе подготви извештај за „сите отворени прашања на грчкиот национален железнички систем“ и планира средба во Министерството за транспорт и со политичките лидери најдоцна до следната недела.
На состаноците, ПОС рече дека ќе побара „конкретен распоред за спроведувањето на реформите и воведувањето безбедносни мерки“.
Синдикатот истакна дека дискусиите ќе бидат проследени со прес-конференција со цел „да се информира целото грчко општество и железничкиот сектор за сите овие работи за кои ПОС предупредуваше сите овие години, поврзани со безбедноста, но никогаш не беа сериозно ислушани“, се нагласува од синдикатот.