Ahmet Salih Alacacı
28 Октомври 2018•Ажурирај: 29 Октомври 2018
ТБИЛИСИ (АА) - Во Грузија денес се одржуваат претседателски избори на кои гласачите за последен пат директно го избираат шефот на државата, со оглед на претстојната промена на системот на управување во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места се отворени од 8.00 до 20.00 часот по локално време, а изборниот процес го надгледуваат претставници на 125 локални и меѓународни организации.
Актуелниот претседател на Грузија, Георги Маргвелашвили, гласаше утринава во Тбилиси и изјави дека гласал за кандидатот кој ќе биде претседател на сите Грузијци, а самиот тој не се кандидираше на изборите.
Предизборните анкети најавуваат дека главниот збор во изборната трка ќе го имаат тројца кандидати, и тоа поранешните министри за надворешни работи, Саломе Зурабишвили и Григол Вашадзе, и поранешниот челник на Парламентот, Давит Бакрадзе.
Аналитичарите предвидуваат дека претседателот ќе биде избран дури во вториот круг во кој гласачите за две недели ќе гласаат меѓу двајцата најуспешни кандидати од првиот круг.
Претседателот на Грузија се бира на мандат од пет години и има широки овластувања во земјата.
Меѓутоа, минатата година грузискиот Парламент изгласа уставна реформа со која земјата во 2023 година ќе премине во парламентарен систем на управување.
Новиот систем извршните овластувања ќе ги предаде на Владата, а „претседател на државата“ ќе биде функција од репрезентативен карактер, и во иднина претседателите ќе ги избира Парламентот на индиректни избори.