Michael Hernandez
18 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Стратегијата за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп ќе им даде приоритет на границите и економските интереси на САД на досега „невиден начин“, изјави висок претставник на администрацијата на Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
„Постои нов фокус на домашната безбедност и на границите“, изјави претставник за новинарите под услов на анонимност. „Тие никогаш не биле спомнати со толку детали и толкав акцент како што се сега“.
„Економијата, исто така, добива многу поголемо внимание преку инсистирањето дека економската безбедност претставува национална безбедност“, додаде тој.
Покрај овие два витални интереси на националната безбедност, планот исто така ќе го нагласи „зачувувањето на мирот преку моќта“ и „унапредувањето на американското влијание“, изјави друг висок претставник на администрацијата.
Трамп денес попладне ќе го најави планот со конгресен мандат пред официјално да биде објавен.
Се очекува Русија и Кина да се гледаат како „ревизионистички сили“, фраза на администрацијата на Трамп за оние кои бараат промена на статусот кво во глобалниот поредок.
„Влегувањето на Русија во Украина, Грузија ... овие активности се обидуваат да го променат статусoт кво во Европа, генерално не е позитивна насока, ниту пак мирен правец. Во суштина тоа значи ревизионизмот“, истакна официјалниот претставник. „Исто така, со активностите на Кина во Јужното Кинеско Море се обидуваат да го променат статусот кво, обично преку воени средства да ги придвижат трендовите во нивна корист“.
Официјалниот претставник изјави дека Пекинг ќе се нарекува „стратешки конкурент“ затоа што ефикасно се натпреварува во политичките, економските, информативните и воените сфери „на начини кои најверојатно не се дуплираат од другите наши конкуренти".
Сепак, претставникот потврди дека САД не ја исклучуваат соработката со Кина на кој било начин, и потребата од помош од Пекинг во однос на запирање на тестирањето балистички ракети од Северна Кореја и нејзината нуклеарна програма.
Безбедносната стратегија на Трамп повеќе нема да ги гледа климатските промени како закана за националната безбедност.
Промената беше очекувана, а претставникот истакна дека климата и животната средина се предмет на друг, нов документ.