Timo Kirez
20 Јули 2023•Ажурирај: 21 Јули 2023
БЕРЛИН (АА) - Германските власти денес упатија предупредување до жителите на јужните предградија на Берлин да бидат претпазливи поради бегството на потенцијално опасно животно, за кое се сомнева дека е лавица, пренесува Анадолу.
Портпаролот на полицијата за весникот „Берлинер цајтунг“ потврди дека предаторот што избегал во текот на ноќта во јужен Берлин најверојатно е лавица.
Два хеликоптера и неколку полицајци во моментов се на терен и заедно со ветеринари и ловџии се обидуваат да го пронајдат животното од семејството мачки. Се сомнева дека се наоѓа во близина на берлинските окрузи Телтов, Клајнмахнов и Штансдорф.
Полицијата ги предупреди мештаните да не ги напуштаат своите домови, како и да ги внесат домашните миленици во своите домови.
Берлинската полиција соопшти дека сега предупредувањето е проширено на цел Берлин. Засега не е познато од каде избегала мачката предатор. Медиумите објавија дека ниту еден сопственик не се огласил јавно.
Службите за безбедност ги проверија зоолошките градини, животинските паркови, циркусите и објектите за заштита на животните.
„Ниту една лавица не е исчезната“, нагласи портпаролот на полицијата.
Меѓутоа, полицијата не ја исклучи можноста да станува збор за животно што живее во дивината.
Полицијата се надева дека ќе успее со анестетик да го успие животното со помош на ветеринар и неповредено да го однесе на безбедно место на закрепнување. Доколку тоа не е можно, полицијата е подготвена на други мерки, се наведува во соопштението.