Ayhan Şimşek
26 Септември 2018•Ажурирај: 26 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утре ќе пристигне во Германија во државна посета на високо ниво за подобрување на политичките и економски односи меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на тридневната посета, Ердоган ќе се состане со германскиот колега Франк Волтер Штајнмаер и ќе одржи преговори со германската канцеларка Ангела Меркел.
Тој ќе се состане со претставниците на турската заедница и извршнитe директори на големите германски компании.
Ердоган во Берлин ќе биде пречекан од почесната гарда, а во негова чест ќе биде организирана државна вечера во претседателската палата „Schloss Bellevue“, на која домаќин ќе биде Штајнамер.
Германската канцеларка Меркел в петок ќе организира ручек за Ердоган во нејзиниот кабинет, а в сабота двајцата лидери ќе се состанат повторно на доручек за да дискутираат за билатералните и меѓународните прашања.
Посетата на Ердоган се случува во пресрет на растечките тензии меѓу САД и Германија во врска со едностраните чекори од страна на американскиот претседател Доналд Трамп во надворешната политика и неговото поставување на додатни тарифи на странските производи.
Главни теми кои ќе се дискутираат за време на посетата на турскиот претседател се и случувањата во Сирија, соработката за решавање на бегалската криза, економските и трговските односи меѓу Турција и Германија.
Ердоган в сабота ќе отпатува во федералната држава Северна Рајна-Вестфалија, во која живее голема турска имигрантска популација.
Ердоган ќе учествува на отворањето на Централната џамија во Келн, водено од страна на Турско-германската муслиманска асоцијација ДИТИБ.