Dildar Baykan
20 Јануари 2017•Ажурирај: 20 Јануари 2017
БАНЏУЛ (АА) – Јахја Џамех, претседател на Гамбија, одби да ја предаде својата претседателска функција. Нему му е даден рок најдоцна до 12:00 ч. (по локално време) да се повлече од функцијата, а во спротивно ќе има воена интервенција врз државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Комитетот составен од лидерите во регионот, меѓу кои е и претседателот на Гвинеја, Алфа Конде, излезе со соопштение дека воената интервенција е одложена до 12:00 ч. (по локално време) со цел да му се даде доволно време на Џамех за да се повлече од претседателската функција.
Од Комитетот се истакнува дека му веруваат на Џамех оти ќе се повлече од функцијата, а во спротивно тој ќе се соочи со регионалните сили во рамките на „Операцијата за обезбедување демократија“.
Џамех изгуби на претседателските избори што се одржаа во декември минатата година, и тој во првата фаза го прифати својот пораз, но потоа се спротивстави на Врховниот суд на Гамбија и ги отфрли повиците да ја напушти власта.
Џамех вчера требаше да му ја предаде претседателската функција на победникот на изборите, Адама Бароу, но тој не го стори тоа и потоа прогласи тримесечна вонредна состојба во државата. Според него, вонредната состојба ќе ја спречи уставната криза во државата.
Адама Бароу вчера положи заклетва на една церемонија одржана во Амбасадата на Гамбија во Дакар, на којашто присуствуваа и претставници на земјите од Економската заедница на западноафрикансите држави (ECOWAS)
Портпаролот на сенегалската армија во вечерните часови соопшти дека воените трупи на ЕКОВАС меѓу кои и на Сенегал, влегле на територијата на Гамбија.