Gamze Türkoğlu Oğuz
05 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
СИЕТЛ (AA) - Пациент болен од СИДА во британскиот главен град Лондон се излечил по трансплантацијата на матични клетки, пренесува Anadolu Agency (AA).
Овој случај, кој ќе биде презентиран на конференцијата на темата за ХИВ во американскиот град Сиетл, е втор случај во кој болниот е целосно излечен од СИДА. Првиот случај е Американецот Тимоти Реј Браун, кој веќе 12 години живее здрав живот, откако доби третман со матични клетки во Германија.
Кај овој пациент, чиј идентитет не е објавен, во 2003 година била дијагностицирана СИДА, а во 2012 година почнал да користи медикаменти за да ја контролира неговата болест. Истата година заболел од Хоџкинов лимфом и во 2016 година примил трансплантација на матични клетки.
Деталите за овој случај се објавени на интернет-страницата на списанието „Нејчр“ („Nature“).
Кејт Џером од Истражувачкиот центар за канцер „Фред Хачинсон“ (Fred Hutchinson Cancer Research Center), истакна дека овој случај покажува дека излекувањето на Тимоти Браун не било случајно.
Трансплантацијата на матични клетки е тешка процедура која започнува со хемотерапија или радиотерапија, и има многу компликации.
Се смета дека трансплантацијата на матични клетки, која е тестирана на други пациенти, но притоа не е постигнат успех, не е пригодна метода за лекување на милиони болни од СИДА.
Браун, кој е првиот ваков случај, бил принуден да добие трансплантација на матични клетки по вторпат, откако повторно заболел од леукемија.