Bedrudin Brljavac
19 Август 2024•Ажурирај: 21 Август 2024
ГАЗА (АА) - Израелската армија веќе десет месеци врши брутални напади врз Појасот Газа, а покрај цивилите, војната ги погоди и животните на кои им е тешко да најдат храна во опколената палестинска енклава, јавува Анадолу.
Поради недостигот и огромната криза со храна во Појасот Газа, Палестинците тешко можат да го нахранат добитокот, што им е многу важно во воени услови.
Иако и сами немаат доволно храна, Палестинците Ибрахим Ел Шобаки и Субхи Ел Мазлум во северниот дел на градот Газа некако наоѓаат начин да го нахранат добитокот што им дава млеко и друга храна.
Двајцата Палестинци секој ден го сушат лебот на сонце, а потоа го носат во шталата за да го нахранат добитокот.
Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа од 7 октомври.
Убиени се речиси 40.100 Палестинци, главно жени и деца.
По повеќе од 10 месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој му нареди веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.