Zehra Ulucak
28 Август 2019•Ажурирај: 29 Август 2019
АНКАРА
Во поплавата предизвикана од поројните дождови во југозападниот дел на Јапонија, според првичните информации, починале две лица, а дадени се инструкции за евакуација на 847.000 луѓе од 3 области, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според агенцијата „Кјодо“, полицијата во градот Такео, во областа Сага, пронашла безживотно тело во едно поплавено возило.
Полицијата, исто така, соопшти дека едно лице загинало во водите од поплавите во градот Јаме, во Фукуока.
Откако Јапонската метеоролошка агенција предупреди на поплави и лизгање на земјиштето, издадени се инструкции за евакуација на приближно 847.000 лица од регионите Фукуока, Сага и Нагасаки.
Во Сага голем број возила останаа под надојдените води, а од поплавите е погодена и градската Железничка станица.
Гувернерот на Сага, Јашинори Јамагучи, побара помош од силите за самоодбрана, за намалување на штетите од катастрофите предизвикани од свлечишта и од надоаѓањето на реките Ушизу и Матсура.
Железничката компанија „Кјушу“ во горенаведените три региони откажа некои линии во железничкиот сообраќај.
Според веста на јапонскиот радиодифузер НХК, поради поплавите некои банки и пошти се затворени.
Во веста се наведува дека властите упатиле повик до јавноста да биде крајно внимателна во однос на ризикот од поплави и свлечишта.