Ekipa
15 Мај 2022•Ажурирај: 16 Мај 2022
КАРАЧИ (АА) - Најмалку шест лица, меѓу кои три деца, загинаа во напад за кој се смета дека е извршен од бомбаш самоубиец врз воен конвој во северозападен Пакистан, во близина на границата со Авганистан, соопшти денес пакистанската Војска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Експлозијата се случила во околината на Мираншах, главниот град на округот Северен Вазиристан, поранешно подрачје на коешто беше активна групата Техрик-е-Талибан Пакистан, составена од различни милитантни групи во Пакистан, се наведува во соопштението на Армијата.
Се додава дека животот го загубиле тројца војници и исто толку деца.
Досега ниедна група не презеде одговорност за нападот. Сепак, безбедносните служби ја обвинуваат групата Техрик-е-Талибан Пакистан, која долго време ги има како цел безбедносните сили, наводно, од другата страна на границата.
Групата Техрик-е-Талибан Пакистан беше потисната кон Авганистан во 2014 година по големата воена офанзива во северозападниот појас, главно Северен Вазиристан, поранешното седиште на милитантната група.
Оттогаш, според пакистанската Војска, групата оперира од авганистанската страна на границата.
Пакистан, за кој се верува дека има одреден степен на влијание врз талибанците, очекуваше прекин на нападите од авганистанската страна на границата откако талибанците дојдоа на власт, но земјата сè уште се соочува со серија смртоносни напади.