свет

Во либанскиот град Сидон тезгите со традиционалниот рецепт џезерије го најавуваат доаѓањето на Рамазан

Како еден од заштитните знаци на градот, десертот џезерије се смета за автентичен локален производ и важен дел од културното наследство на Сидон

Ethem Emre Özcan, Wassim Samih Seifeddine  | 06.02.2026 - Обновена : 06.02.2026
Во либанскиот град Сидон тезгите со традиционалниот рецепт џезерије го најавуваат доаѓањето на Рамазан

СИДОН (АА) – Со приближувањето на месецот на постот на муслиманите, Рамазан, во градот Сидон, Јужен Либан, тезгите повторно се украсени со десертот џезерије, подготвен од тиква, кој со години традиционално го најавува почетокот на постот, јавува Анадолу.

И оваа година Сидон, кој ја негува традицијата на џезерије што се пренесува од генерација на генерација, ги продолжува рамазанските подготовки со овој уникатен десерт.

Иако се прави од тиква, десертот го добил името поради неговата боја, која потсетува на морков.

Како еден од заштитните знаци на градот, десертот џезерије се смета за автентичен локален производ и важен дел од културното наследство на Сидон.

Во втората половина на месецот Шаабан (исламскиот лунарен месец што му претходи на Рамазан), заедно со одбележувањето на Лејлетул кадр (Ноќта на кадрот – судбината), овој десерт се појавува на тезгите во тесните улички и старите чаршии, привлекувајќи големо внимание со својот карактеристичен мирис и впечатлив изглед.

За жителите на Сидон овој десерт претставува значаен елемент од локалната традиција. Го имаат во своите домови, им го послужуваат на гостите и им го даваат на роднини и пријатели, со што ја одржуваат оваа вековна практика на обичаи.

Браќата Омер и Халид Арнавут, кои го продолжуваат семејниот занает наследен од нивниот татко, во градот се познати по подготовката на овој десерт.

Во изјава за АА тие ги објаснија традицијата и начинот на подготовка на џезерије, која се смета за предвесник на светиот месец Рамазан.

- „Сакаме да го пренесеме начинот на подготвување на овој традиционален рецепт на нашите деца“ -

Мајсторот Омер Арнавут истакна дека подготовката на џезерије бара големо искуство и посветеност.

„Овој занает за изработка на традиционалниот рецепт го наследивме од нашите татковци и сакаме да им го пренесеме на нашите деца“, изјави тој.

Раскажа дека секоја фаза од подготовката има своја временска рамка.

„Лупењето, чистењето, рендањето и миењето на тиквата трае околу два часа. Потоа таа повторно се цеди и се вари на оган уште два часа, по што добива финална форма подготвена за продажба,“ рече Арнавут.

Тој додаде дека продаваат во два дуќана во градот и дека интересот за џезерије и понатаму е голем.

- „Десертот џезерије е длабоко вкоренета социјална и верска традиција“ -

Халид Арнавут, кој живее во Саудиска Арабија, изјави дека секоја година во сезоната на џезерије се враќа во Либан за да му помогне на своето семејство во подготовките.

„Десертот џезерије е длабоко вкоренета социјална и верска традиција. Побарувачката обично го достигнува максимумот меѓу 12 и 17 ден од месецот Шаабан“, рече тој.

Според него, семејството вложува напори за да го зачува овој рецепт, кој претставува наследство специфично за Сидон, пренесувано низ генерации.

Халид Арнавут посочи и дека поради економската криза во Либан, која трае веќе околу шест години, пораснале и цените на десертот.

„Цената по килограм достигна 900.000 либански лири, што е околу 10 долари“, додаде тој.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.