Berfin Kıraç,İrem Demir
13 Декември 2024•Ажурирај: 14 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул започна Меѓународниот форум за стратешка комуникација (Стратком Самит 24), кој годинава по четврти пат го организира Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, јавува Анадолу.
Темата на овогодинешниот самит е „Вештачката интелигенција во комуникациите: трендови, замки и трансформација“.
На отворањето на средбата беше прочитана порака од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а на свеченоста говореа потпретседателот Џевдет Јилмаз и шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, Фахретин Алтун.
На церемонијата за отворање присуствуваа голем број академски работници, експерти, студенти и голем број домашни и странски гости.
На Стратком Самит 24, кој е најголемиот комуникациски самит во Туркије, се собраа водечки имиња од светот на глобалните комуникации за да разговараат за промените во областа на комуникациите преку вештачка интелигенција.
Ќе се разговара и за можностите и предизвиците што ги нудат новите технологии.
Учесниците на самитот ќе разменат идеи за голем број актуелни теми како јавна комуникација, нови комуникациски стратегии, новинарство, дигитални медиуми и дипломатија, борба против дезинформации и управување со кризи, дигитална етика и кибербезбедност, со фокус на трансформацискиот ефект на вештачката интелигенција во комуникациите.
На Стратком Самит 24, како говорници ќе учествуваат 64 домашни и странски експерти од 30 јавни и приватни сектори, граѓанскиот сектор, медиуми, академската заедница и истражувачки центри.
Форумот, кој се состои од осум панели и шест сесии, ќе собере повеќе од три илјади домашни и странски гости.
Четвртиот годишен Стратком Самит 24 се одржува во Истанбул на 13 и 14 декември.