Bayram Altuğ
26 Јануари 2021•Ажурирај: 27 Јануари 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Со состанокот на проширената група од 45 членови задолжени за разгледување на основните принципи на новиот Устав на Сирија, денес во Женева продолжи петтиот круг преговори за иднината на земјата зафатена со војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа заврши првиот ден од петтиот круг преговори на Уставотворната комисија на Сирија во канцеларијата на ОН во Женева.
Сесиите од првиот и вториот ден ги предводеше специјалниот претставник на ОН за Сирија, Геир О. Педерсен.
Членовите на т.н. „Мала група“, надлежна за пишување на Уставот, што се состои од 15 членови на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, 15 членови на невладини организации и 15 членови на сириската опозиција, се состанаа во Женева.
Состанокот поради пандемијата на коронавирусот е затворен за медиумите, а влезот е дозволен само за камерманите и фоторепортерите на ОН.
Главна тема на петтиот круг преговори се основните принципи на Уставот.
На состанокот опозицијата ја претставува Хади ал Бахра, поранешен челник на Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили, додека копретседавањето во име на режимот го води правникот Ахмад ал Кузбари.
Состаноците на Уставотворната комисија на Сирија ќе траат до петок.
Педерсен на прес-конференцијата одржана на 22 јануари изјави дека петтиот круг преговори е особено важен.
Ги повика страните да започнат да го пишуваат Уставот и наведе дека меѓународната соработка е неопходна и за ставање крај на војната во Сирија.
Четвртиот круг преговори се одржа од 30 ноември до 4 декември 2020 година.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон учесниците на продемократските протести.