Hasan Esen,Ata Ufuk Şeker
15 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
БРИСЕЛ (АА) – Лидерите на ЕУ државите се состанаа да разговараат на темите за имплементација на договорот меѓу ЕУ – Турција, безбедност, заедничкиот договор меѓу ЕУ – Украина, Русија, Сирија и Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA)
На состанокот во зградата на Европскиот совет најпрво ќе се разговара за бегалската криза. Во рамките на оваа тема ќе биде и договорот од 18 Март меѓу ЕУ и Турција. Според нацрт верзијата во конечниот извештај ќе стои: „Европскиот совет ја обновува приврзаноста за договорот ЕУ – Турција и потенцира на важноста за негова потполна имплементација без никакви отстапки.“
На самитот нема да стане збор за евроинтеграциите на Турција. Исто така, нема да да се алудира на предлогот на европскиот парламент за тоа привремено да се замрзнат евроинтеграциите.
Во врска со темата за бегалците, ќе се расправа за соработка со афричките држави. Додека се чека одобрување на помошта за Нигер од 610 милиони евра за запирање на бегалскиот проток, ќе се отвори и пат за слични договори со Етиопија, Мали, Нигерија и Сенегал.
Во рамките на надворешни односи на овој состанок ќе се разговара за заедничкиот договор меѓу ЕУ – Украина, како и за Русија и Сирија. Лидерите ќе се обидат да ја убедат Холандија за украинскиот договор да стапи на сила.
Темата во врска со Русија специјално ќе биде отворена во рамките на агендата за Украина. ЕУ нема да донесе одлука за санкција на Русија поради нападите во Сирија, но продолжува со санкциите поради анексијата на Крим, проблемите во Донбас и неспроведувањето на Минскиот договор.
Осуда за Сирија и Русија
Се очекува лидерите да реагираат во врска со Сирија. Според нацрт верзијата во конечниот извештај ќе стои: „Европскиот совет остро ги осудува нападите на сирискиот режим и сојузниците, особено нападите од страна на Русија во Алепо, кои намерно целат кон цивилите и болниците.“
Во извештајот исто така ќе има апел за евакуација на цивилите и отстранување на блокадата, односно: „Прекршителите на меѓународните закони ќе одоговараат за постапките, а некои од нив може да се сметаат за воени злосторства“.
Случувањата во Алепо
Поради последните случувања, сириската тема стана важна агенда на самитот. Францускиот претседател Франсоа Оланд, кој говореше на влезот на седиштето на европскиот совет упати апел дека треба да се воспостави прекин на огнот во Алепо, за евакуација на цивилите.
„За да се случи ова, предуслов е прекин на огнот. Советот на ЕУ треба да побара прекин на огнот, евакуација на сите цивили и на крај политички дијалог. На Европа треба да и’ се слушне гласот“, реле Оланд.
На прашање за тоа дали ЕУ ќе постигне договор во врска со Сирија, Оланд рече: „Ако 28 држави не можат да постигнат договор за еден ваков проблем и ако не осудат ваков масакар, тогаш зошто имаме заедница од 28 држави.“
Народот во Алепо нема потреба од сожалувачки зборови
Претседателот на европскиот совет, Доналд Туск, пред почетокот на самитот се сретна со градоначалниот на Алепо, Брита Хаги Хасан. Туск во својата изјава потенцира дека, покрај досегашните искази нема што да додаде за трагедијата во Алепо и додаде: „Сигурен сум дека, народот во Алепо нема потреба од сожалувачки зборови. Единствено што му е потребно е вистинска и влијателна заштита и помош за цивилите.“
„Во источен Алепо има 50 илјади луѓе кои ги очекува смрт“
Хасан пак во својата изјава рече: „ Во источен Алепо има 50 илјади луѓе кои ги очекува смрт. Очекуваме цврст став од ЕУ, за да ги спасиме цивилите. Ова сакам да биде земено предвид во политичките оценки. Единствено што сакаме е прекин на огнот.“
„Тоа што им се прави на цивилите во Сирија е неприфатливо во никој случај“
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини истакна дека, продолжуваат со активности за заштита на цивилите во источен Алепо. „За да се заштитат цивилите во Сирија, Русија и Иран треба да си ги сносат одговорностите. За нас, тоа што им се прави на цивилите во Сирија е неприфатливо во никој случај. Приоритет ни е заштита на цивилите“, рече Могерини.
Таа посочи на режимот, сојузниците, Русија и Иран, како директни виновници за случувањата во Сирија и додаде оти, ја следат состојбата на цивилите во Алепо, како и во другите региони кои се под опсада.
Една од останатите теми на самитот е излегувањето на Англија од ЕУ (Брегзит). Лидерите ќе дадат оценка за текот на процесот во отсуство на премиерката Тереза Меј, а ќе разговараат и за чекори кои би се превзеле понатаму.
Исто така, на самитот, лидерот на Јужен Кипар, Никос Анастатиадис ќе ги информира претседателите на владите и на државите на ЕУ за развитокот на кипарското прашање.