Ekipa
17 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
ВАЛЕНСИЈА (АА) - Бродот „Аквариус“ со 630 мигранти, денес се усидри во шпанското пристаниште во Валенсија, со што е завршено патувањето од 1.500 километри од Италија, јавува Anadolu Agency (AA).
Медицинскиот персонал се симна од италијанскиот брод „Датило“ во 07:00 часот, кој, заедно со уште еден италијански брод за помош, го следеше бродот „Аквариус“ со мигранти.
Бродот „Аквариус“, кој го водеа помошните групи „СОС Медитеран“ и „Лекари без граници“, дојде до брегот на Сицилија минатата сабота, кога Италија одби да му дозволи да се усидри и побара од Малта да го стори тоа. Малта, исто така го одби барањето на бродот да се усидри, а тогаш Шпанија ги понуди своите пристаништа оддалечени 1.500 километри.
Шпанските власти известија дека ќе го испитаат случајот на секој мигрант за да утврдат дали ги исполнуваат условите да се квалификуваат за азил, во согласност со прописите на оваа земја.
Шпанскиот министер за труд, Мигел Ангел Абалос, во саботата рече дека мигрантите од бродот „Аквариус“ ќе добијат посебно одобрување за да останат во Шпанија еден месец пред да бидат третирани со законот, без исклучок.
Абалос, исто така, рече дека шпанската Влада ќе дејствува со чувствителност, но во исто време во рамките на законот, со пораката дека Европа нема миграциска политика која би одговорила на предизвикот со мигрантите.
Бродот полн со мигрантите кои беа принудени да поминат повеќе од осум дена во морето, според извештајот на регионалните власти на Валенсија, превезувал 123 малолетни лица без придружба, 11 деца, па дури и 7 бремени жени.
Шпанија ја прифати понудата на француската Влада да ги земе оние мигранти кои сакаат да одат во Франција за да утврдат дали ги исполнуваат условите за азил.
Одбивањето на Италија и Малта да му дозволат на бродот „Аквариус“ да влезе во нивните пристаништа, предизвика дискусија меѓу членовите на Европската Унија за тоа како да се справат со новиот предизвик на имиграцијата.
Според законите на ЕУ за азил, мигрантите мора да аплицираат за азил во земјата преку која првпат влегуваат во Европската Унија. Во пракса, оваа политика многу тешко ги оптоварува Италија и Грција, каде што стотици илјади баратели на азил пристигнаа во последниве години.
Во обид да избегнат насилни судири или екстремна сиромаштија, илјадници мигранти годишно одат на опасно патување со дилери на дрога, за да го пронајдат својот пат кон Европа.
Според податоците на Обединетите нации, најмалку 792 мигранти починале додека се обидувале да го преминат Медитеранот оваа година. Во текот на првите 5 месеци од 2018 година, вкупно 35.455 мигранти дојдоа на европските брегови, од кои 11.792, во Шпанија.