Ekipa
11 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
РИМ (АА) - Додека Малта ја обвинува Италија дека ги крши меѓународните норми затоа што наредила бродот со 629 мигранти да остане на море, градоначалниците на Барселона и Валенсија ги понудија своите пристаништа за прифаќање на бродот, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Малта, Јозеф Мускат, рече дека одбивањето на Италија да дозволи бродот „Aquarius“ да се усидри во италијанското пристаниште, ги довело во опасност сите што се на бродот.
Медицинските работници на бродот во Италија велат дека храната на бродот ќе ја снема до крајот на денот.
Марко Бертото, од организацијата „Лекари без граници“, во понеделникот за италијанската државна телевизија изјави дека некои од 629 мигранти имаат вода во белите дробови по падот во Средоземното Море од чамецот на шверцерите.
Другите имаат изгореници од горивото од чамците измешано со морска вода или страдаат од хипотермија.
Бродот на групата „СОС Медитеран“ извади 229 мигранти од Средоземното Море со мали чамци во саботата. Бродот исто така прифати 400 други мигранти кои беа спасени од другата страна на италијанскиот брег.
Новиот министер за внатрешни работи на Италија, чија партија е настроена антимигрантски, не сака да допушти влез на бродот во пристаниште во Италија. Малта, исто така, одби да го пушти бродот на своја територија.
Германската Влада ги повика сите кои се вклучени во судбината на бродот за спасување мигранти во Средоземното Море да ја исполнат својата хуманитарна одговорност.
Европската Унија апелираше до Италија и Малта да го решат проблемот брзо, каде бродот да се усидри од хуманитарни причини.