Ahmet Gürhan Kartal
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
ЛОНДОН (АА) - Членовите на Долниот дом на британскиот Парламент ќе се изјаснат во врска со Брегзитот без договор и за ограниченото одложување на членот 50, доколку Договорот што ќе се презентира повторно биде отфрлен, соопшти британската премиерка Тереза Меј, јавува Anadolu Agency (AA).
Во врска со Брегзит, Меј пред пратениците исто така вети „значителни гласови“ за нејзиниот Договор за Брегзит до 12 март.
Велика Британија „ќе замине без договор на 29 март само ако има експлицитна согласност во Парламентот за таков исход“, рече Меј.
Британската премиерка истакна дека не сака проширување на членот 50 и дека тоа „нема да помогне во полесно постигнување договор“.
Меј рече дека ако Договорот повторно биде одбиен, на пратениците ќе им бидат понудени две опции, тие ќе можат да гласаат за Брегзит без договор и за ограничено продолжување на членот 50 за преговарање за излезот на Велика Британија од ЕУ по одредениот датум за Брегзит.
„Тоа се заложби што ги спроведувам како премиер и ќе се придржувам до нив, бидејќи имам претходни обврски за давање извештаи и поднесување дополнети предлог-закони до одредени датуми“, рече Мај.
„Да бидам јасна, не сакам проширување на членот 50“, рече таа.
„Нашиот апсолутен фокус треба да биде на работењето за постигнување договор и за напуштање (на Унијата) на 29 март.“
Меј истакна дека продолжување по крајот на јуни би значело дека Велика Британија би учествувала на изборите за Европскиот парламент. „Каква порака би испратиле до над 17 милиони луѓе кои гласаа за напуштање на ЕУ, пред речиси три години?“
Велика Британија треба да го напушти блокот на крајот од март, како резултат на референдумското гласање во 2016 година, кога британските гласачи одлучија да ја напуштат Унијата по повеќе од 40-годишно членство.