Aysu Biçer
29 Август 2023•Ажурирај: 30 Август 2023
ЛОНДОН (АА) - Британскиот државен секретар за транспорт, Марк Харпер, денес изјави дека техничките проблеми во системот за контрола на воздушниот простор на земјата не е резултат на напад врз кибербезбедноста, пренесува Анадолу.
Во изјавата за „Скај њуз“, Харпер упати извинување за нефункционирањето на контролата на летање што се случи вчера, истакнувајќи дека такви обемни проблеми не се случиле речиси една деценија.
Харпер нагласи дека загриженоста за кибербезбедноста е исклучена од техничките експерти, а Управата за цивилно воздухопловство е подготвена за спроведување истрага.
„Ќе има извештај што ќе го разгледаме многу внимателно за да видиме дали има промени што треба да се направат, во ваков размер ова не се случило речиси една деценија. Нормално, системот функционира многу добро и секако сакаме да испитаме дали има нешто што може да направиме за да го избегнеме ова во иднина“, истакна министерот.
Патниците се предупредени за можни промени во летовите откако техничкиот дефект во системот за контрола на летање во Велика Британија остави стотици илјади патници на аеродромите во текот на вчерашниот ден.
Патниците што се враќаат од одмор и оние што имаат намера да патуваат од аеродромите во Велика Британија наидоа на откажувања на летовите и доцнење и до 12 часа поради опсежниот компјутерски дефект што влијаеше и врз појдовните и врз дојдовните летови.
Техничкиот дефект во земјата за празничниот викенд предизвика фрустрации кај патниците откако беа откажани 500 лета, а многу други одложени, јавија британските медиуми.
Аеродромот „Хитроу“ најави дека ќе има прекини во аеродромските услуги. На патниците им е препорачано да стапат во контакт со своите авиокомпании пред да тргнат кон аеродромот.