Ahmet Furkan Mercan
08 Ноември 2023•Ажурирај: 08 Ноември 2023
ТОКИО (АА) - Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли повторно изјави дека Израел има право да се брани, но дека тоа мора да го направи во рамките на меѓународното право, пренесува Анадолу.
Клеверли на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Г7 во Токио во разговор за јапонската државна телевизија „НХК“ ги коментираше конфликтите на Блискиот Исток.
Тој ја истакна важноста на меѓународното право, но повтори дека Израел има право да се брани.
„Меѓутоа, мора да се брани во рамките на меѓународното право“, додаде тој.
На прашањето за тврдењата дека Израел „се брани во тие рамки“, Клеверли рече дека Велика Британија ќе го задржи ова прашање на дневен ред и ќе продолжи да повикува на придржување до меѓународното право.
Клеверли, исто така, повика на прекин на борбите во Појасот Газа и на достава на поголема хуманитарна помош во регионот.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас пред еден месец.
Оттогаш загинаа најмалку 10.328 Палестинци, меѓу кои 4.237 деца и 2.719 жени. Во меѓувреме, бројот на загинати во Израел изнесува речиси 1.600, покажуваат официјалните бројки.
Освен големиот број жртви и масовното раселување, при крај се и основните резерви за 2,3 милиони жители во Газа како последица на израелската опсада.