Ahmet Gürhan Kartal
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
ЛОНДОН (АА) - Британската Влада одговори на петицијата која повикува на откажување на Брегзит, велејќи дека ќе го почитува исходот од референдумот во 2016 година и ќе работи со Парламентот за да постигне договор со кој ќе се осигура напуштањето на Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова соопштение е издадено откако 5,8 милиони лица потпишаа петиција на веб-страницата на Парламентот, повикувајќи ја Владата да запре со Брегзит со укинување на член 50.
Владата одговара на која било петиција што има најмалку 10.000 потписи и Парламентот ги дебатира оние кои се потпишани од 100.000 лица.
Нагласувајќи ја својата цврста политика за непоништување на член 50, Владата изјави дека ќе работи на тоа да обезбеди излез кој ќе биде корисен за сите, без разлика дали тие ќе гласаат за заминување или останување.
„Отповикувањето на член 50 и со тоа останувањето во Европската Унија, ќе ја поткопа нашата демократија и довербата што милиони гласачи ја имаат во Владата“, се вели во соопштението.
Владата го потврди значителниот број луѓе кои ја потпишале петицијата.
„Сепак, речиси три четвртини од изборното тело учествуваа на референдумот во 2016 година, верувајќи дека резултатот ќе се почитува“, се вели во соопштението.
„Оваа влада му пиша на секое домаќинство пред референдумот, ветувајќи дека исходот од референдумот ќе биде спроведен. 17,4 милиони луѓе потоа гласаа за напуштање на Европската Унија, обезбедувајќи најголем демократски мандат за кој било тек на акција некогаш насочен кон британската Влада“, се додава.
Владата соопшти дека британскиот народ уште еднаш го дал својот глас на општите избори во 2017 година, каде што повеќе од 80 отсто од оние што гласаа, гласаа за партиите, вклучувајќи ја и опозицијата, кои во своите манифести се заложија за поддршка на резултатот од референдумот.
„Оваа влада стои зад оваа заложба“, се вели во соопштението.
Во соопштението, исто така, се вели дека укинувањето на член 50 ќе ги прекрши дадените ветувања на Владата кон Британците, нема да го почитува јасното упатство од демократско гласање и, за возврат, ја намалува довербата во демократијата.
„Неуспехот да се обезбеди Брегзит би предизвикал потенцијално непоправлива штета на довербата на јавноста“, се вели во соопштението, цитирајќи ја премиерката Тереза Меј.
Европската Унија се согласи на продолжување на Брегзитот до 22 мај, доколку оваа недела се одобри Договорот на Меј од страна на Долниот дом. Доколку Договорот не биде одобрен од Парламентот, ЕУ ќе дозволи продолжување само до 12 април.
Британските гласачи одлучија да го напуштат Блокот по над 40-годишно членство, по одржаниот референдум за Брегзит во 2016 година.