Ahmet Gürhan Kartal
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
ЛОНДОН
Британија ќе подготви уште 1.000 војници во земјата за поддршка на хуманитарниот одговор на НАТО и сојузниците во услови на високи тензии долж границата на Русија и Украина, соопшти премиерот Борис Џонсон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Соопштението дојде откако денеска Џонсон отпатува во Брисел и Варшава за да се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и полските лидери.
„Кога НАТО беше основан, сојузниците направија историски потфат за да ја заштитат слободата на секоја земја членка. Велика Британија останува непоколеблива во нашата посветеност кон европската безбедност“, рече Џонсон во соопштението.
„Она што треба да го видиме е вистинска, а не присилна дипломатија. Како сојуз, мораме да поставиме граница и да разјасниме дека постојат принципи над кои нема да правиме компромиси.“
„Тоа ја вклучува безбедноста на секоја сојузничка на НАТО и правото на секоја европска демократија да се стреми кон членство во НАТО“, додаде тој.
Посетата на Џонсон на Брисел и Варшава се совпадна со посетата на британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас и министерот за одбрана, Бен Валас, на Москва со цел да се реализираат „напорите за деескалација“.
„Џонсон ќе им нагласи на сојузниците дека не смеат да прават компромиси за основните принципи на НАТО“, според извештајот.
„Тука е вклучена неприкосновеноста на суверенитетот на земјите, правото на секоја европска демократија да се стреми кон членството во НАТО и обврската на НАТО да ја заштити безбедноста на своите земји членки“, се додава.
Велика Британија е „подготвена понатаму да работи за дипломатски пат“ и „ние веруваме дека ова може да се постигне“, рече тој, додавајќи: „Но тоа може да се заснова само на постоечките меѓународни договори и основни принципи на цела и слободна Европа.“
Тој, исто така, рече дека Велика Британија беше во авангарда на напорите да се спречи руското непријателство кон своите соседи.
„Севкупно во текот на изминатите две недели, британските министри зборуваа со повеќе од една третина на земјите членки на НАТО за ситуацијата.“
„Трас и Валас ќе истакнат дека единствениот пат напред е Русија да ја прекине агресивната кампања на хибридна војна и да се вклучи во значајни разговори.“