БУЕНОС АИРЕС/БОГОТА/АНКАРА (АА) - Безбедносните сили во Бразил ја вратија контролата врз зградата на Националниот конгрес и приведоа 300 лица откако стотици приврзаници на поранешниот претседател Жаир Болсонаро упаднаа и ги опустошија институциите на власта, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во денешната операција се приведени веќе 300 лица. Истрагите се во тек додека не се идентификува и последниот учесник“, објави Цивилната полиција на Федералниот округ (ПЦДФ) на Твитер.
Во меѓувреме, бразилскиот Врховен суд донесе одлука за смена на гувернерот на Федералниот округ, Ибанеис Роча, од функцијата на три месеци по немирите во владините згради во Бразилија.
Овој потег дојде по разрешувањето на секретарот за безбедност на Федералниот округ, Андерсон Торес, кој е и поранешен министер за правда во владата на Болсонаро.
Болсонаро, во меѓувреме, во објава на Твитер инсистираше дека „мирните демонстрации, во рамки на законот, се дел од демократијата. Но, опустошувањето и упадот на јавни згради како што се случи денес, како и оние што ги практикуваше левицата во 2013 и 2017 година, не се во рамките на правилата.“
Болсонаро, кој ја напушти земјата на 1 јануари, два дена пред инаугурацијата на Луис Инасио Лула да Силва за трет мандат како претседател и живее во Орландо, Флорида во САД, на Твитер напиша: „Во текот на мојот мандат секогаш работев во четирите линии на Уставот, почитувајќи ги и бранејќи ги законите, демократијата, транспарентноста и нашата света слобода“.
Болсонаро, исто така, ги отфрли обвинувањата што беа упатени против него за кои тој вели дека „не постојат докази кои ми ги припишува актуелниот шеф на извршната власт на Бразил.“
Неговите коментари уследија по коментарите на Лула на прес-конференцијата кој тврдеше дека екстремно десничарскиот политичар охрабрувал такви акции во голем број негови говори.
По изборната победа на Лула во октомври минатата година, приврзаниците на Болсонаро протестираа, многумина ги блокираа автопатиштата низ целата земја и притискаа војската да интервенира против левичарскиот лидер.
Пред гласањето, Болсонаро фрли сомнежи на тоа дали ќе ги почитува изборните резултати, предизвикувајќи загриженост за електронскиот систем на гласање во Бразил без да обезбеди докази.
Приврзаниците на Болсонаро вчера успеаја да упаднат и да опустошат три згради на власта во главниот град Бразилија - Палатата Планалто, или Кабинетот на претседателот, Конгресот и Врховниот федерален суд - додека на крај не беа спречени од безбедносните сили.