Ikrame Imane Kouachi
24 Ноември 2024•Ажурирај: 26 Ноември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, денес повика на вршење притисок врз Израел и Хезболах да постигнат договор за прекин на огнот, јавува Анадолу.
„Мораме да извршиме притисок врз израелската влада и да го одржиме притисокот врз Хезболах да се прифати американскиот предлог за прекин на огнот“, рече Борел на прес-конференција во Бејрут по разговорите со претседателот на либанскиот Парламент Наби Бери.
„Во септември, дојдов и сè уште се надевав дека можеме да ја спречиме целосната војна на Израел врз Либан“, рече Борел. „Два месеци подоцна Либан е на работ на колапс“.
Соединетите Американски Држави (САД), главниот сојузник на Израел, посредува меѓу Израел и Либан за да се постигне договор за прекин на огнот и да се стави крај на над едногодишните напади меѓу Хезболах и Израел.
Борел рече дека ЕУ е подготвена да обезбеди 200 милиони евра за зајакнување на либанската армија.
Тој, исто така, ги повика либанските лидери да ги исполнуваат своите политички должности, почнувајќи со избор на претседател за да се стави крај на двегодишниот вакуум во власта на земјата.
Либанскиот Парламент не успеа да избере нов претседател по заминувањето на претседателот Мишел Аун во октомври 2022 година.
Израел ги интензивира своите воздушни напади во Либан против, како што тврди, позиции на Хезболах, што е ескалација на едногодишните судири со либанската група од почетокот на војната во Газа минатата година.
Според либанските здравствени власти, во израелските напади во Либан од октомври минатата година убиени се повеќе од 3.600 луѓе, над 15.300 се повредени, а повеќе од 1 милион се раселени.
Тел Авив го прошири конфликтот со започнување копнен упад во јужен Либан на 1 октомври.