свет

Болниците во Газа се претворени во бојни полиња

Израелската војска продолжува интензивно да го бомбардира Појасот Газа од 7 октомври, а изминатите денови намерно ги засили нападите на преостанатите болници во кои се наоѓаат болните и повредените, како и раселените Палестинци

Bekir Aydoğan  | 28.03.2024 - Обновена : 29.03.2024
Болниците во Газа се претворени во бојни полиња

ИСТАНБУЛ (АА)

- Бекир АЈДОГАН


Израелската војска продолжува интензивно да го бомбардира Појасот Газа од 7 октомври, а изминатите денови намерно ги засили нападите на преостанатите болници во кои се наоѓаат болните и повредените, како и раселените Палестинци, известува Анадолу.

Болниците во Газа практично последните неколку недели се претворени во бојни полиња на кои гинат недолжни луѓе.

Силите на Израел, обвинет за геноцид, фрлија повеќе од 70.000 тони бомби од 7 октомври 2023 година, убивајќи повеќе од 32.000 Палестинци, а ранија над 74.000. Уништени се голем број цивилни населби, вклучувајќи и училишта, џамии, цркви и историско-културни објекти.

Израелската војска, која и претходно бомбардираше здравствени установи кои значат живот за Палестинците, особено за децата и жените, последните недели ги гаѓа најголемите болници во различни делови на Газа.

Припадниците на израелските сили убија и заробија стотици Палестинци во нападите на болниците.

Израел, исто така, ги уништува околните куќи во текот на нападите на болниците, што е причина за смртта на голем број луѓе. Луѓето остануваат заробени под урнатините, а останатите се присилени да бегаат кон други места.


- Цел на напади и болницата Ал Шифа 

Израелската војска на 18 март ја опколи болницата Ал Шифа, која се наоѓа во северниот дел на Појасот Газа. Болницата Ал Шифа е најголем здравствен центар во регионот.

Израелските сили приведоа и испитуваа повеќе од 800 луѓе, убивајќи 170 Палестинци во нападите на болницата.

Додека ги изведуваше нападите на болницата Ал Шифа и нејзината околина, израелската војска на 24 март започна со напади и на болниците Амал и Насер во јужниот дел на палестинската енклава.


- Бомбардирани се 154 здравствени установи 

Во соопштението на Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа од 29 февруари, се наведува дека израелската војска бомбардирала 154 здравствени установи во Појасот Газа, оставајќи вон функција 53 здравствени домови и 31 болница, а неупотребливи се 124 возила на Брзата помош.

Во изјавата од 20 март, портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, рече дека 12 од 36 болници во Појасот Газа даваат само делумни медицински услуги.

Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Во овие напади досега се убиени околу 32.500 Палестинци, главно деца и жени, а повеќе од 74.900 се повредени.

Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделникот донесе резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа во текот на исламскиот месец Рамазан.

Додека Хамас ја поздрави резолуцијата, Израел го отфрли повикот за прекинот на огнот и вети дека ќе ја продолжи војната против палестинската енклава.

По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.