свет

Билансот на жртви во пожарот во Хонгконг се искачи на 75, стотици се водат како исчезнати

- Пожарот избувна околу пладне во средата во комплексот, кој се состои од повеќе од 1.900 станови, брзо се прошири поради бамбусовото скеле поставено на надворешната страна заради реновирање

Islam Uddin, Saadet Gökce  | 27.11.2025 - Обновена : 27.11.2025
Билансот на жртви во пожарот во Хонгконг се искачи на 75, стотици се водат како исчезнати Daniel Ceng/AA

ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на жртви во најголемиот пожар во Хонгконг во последните децении се искачи на 75, а властите претходно изјавија дека го ставиле под контрола пожарот што зафати станбен комплекс во Таи По, според локалните медиуми, пренесува Анадолу.

Досега загинаа 75 лица, од кои еден е пожарникар, а 76 се повредени, меѓу кои 11 пожарникари, според „Саут Чајна морнинг пост“.

Претходно весникот објави дека 280 лица се водат како исчезнати по инцидентот.

Шефот на извршната власт на Хонгконг, Џон Ли, претходно изјави дека пожарите во седумте згради се ставени под контрола.

Пожарот избувна околу пладне во средата во комплексот, кој се состои од повеќе од 1.900 станови, брзо се прошири поради бамбусовото скеле поставено на надворешната страна заради реновирање.

Се проценува дека во седумте згради во комплексот, зафатени од пламените јазици, живеат околу 4.000 жители.

Вкупно 280 лица сѐ уште се водат како исчезнати, а противпожарните екипи продолжуваат со операциите за гаснење на пожарот.

Полицијата приведе три лица, двајца менаџери и еден консултант-инженер од градежната компанија што го спроведува реновирањето, под сомнение за „убиство од небрежност“.

Властите велат дека бамбусовото скеле поставено за реновирање и пенестите пластични материјали што ги покриваат прозорците значително придонеле за брзото ширење на пожарот.

„Имаме причина да веруваме дека лицата одговорни во компанијата биле исклучително небрежни, што предизвикало пожарот брзо да се прошири и да доведе до многу смртни случаи“, рече вишата началничка Ајлин Чунг Лаи-је.

Секретарот за безбедност на Хонгконг, Крис Танг, рече дека првичните истраги покажале дека брзината на ширење на пожарот била невообичаена, укажувајќи во голема мера на пенестиот материјал за изолација.

„Откривме дека материјалот што ги покрива ѕидовите на зградата, мрежата околу скелето и водоотпорната церада предизвикале ширење на пламенот многу побрзо отколку што би се случило со материјали што ги исполнуваат безбедносните стандарди“, истакна тој.

Првпат по 17 години Хонгконг издаде противпожарен аларм од ниво 5, највисок на петстепената скала на градот.

Властите објавија дека два соседни комплекса се евакуирани, а околу 900 жители погодени од пожарот се засолниле во осум привремени објекти.

На местото на настанот се распоредени повеќе од 140 противпожарни возила и над 800 лица од службите за итни случаи и противпожарната служба.

Одделот за транспорт објави дека патиштата во областа се затворени поради пожарот.

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изрази сочувство до Владата на Хонгконг за загубата на животи и ѝ наложи на Канцеларијата за Хонгконг и Макао во Пекинг да им даде поддршка на локалните власти.

Главниот управител на Хонгконг, Џон Ли Ка-чиу, изрази длабоко жалење поради големиот број смртни случаи и повредени, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите и посакувајќи им брзо закрепнување на повредените.

Тој, исто така, свика итен состанок на Кабинетот за координирање на акциите за катастрофата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın