Şeyma Erkul Dayanç
26 Март 2026•Ажурирај: 30 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Белгискиот министер за здравство Франк Ванденбрук вчера упати апел до Европската Унија (ЕУ) за заострување на регулативите за користење електронски цигари, предупредувајќи на зголемените здравствени ризици и зголемената употреба меѓу младите, пренесува Анадолу.
Говорејќи за новинската агенција „Белга“ за време на посетата на еврокомесарот Мајкл Мекграт на институтот „Сциенсано“ во Брисел, Ванденбрук го опиша користењето електронски цигари како „епидемија“ и ја обвини индустријата дека намерно како цел ги има младите луѓе.
Тој истакна дека електронските цигари содржат „илјадници состојки“, вклучително метали и хемиски соединенија што се формираат при загревање, а кои може да претставуваат сериозен ризик по здравјето.
Ванденбрук побара построги контроли на ниво на ЕУ за супстанциите што се користат во електронските цигари и забрана на уредите за еднократна употреба низ целиот блок, забележувајќи дека таквата забрана веќе е на сила во Белгија. Исто така, тој повика на ограничување на вкусовите, слично на правилата во Холандија каде што е дозволен само вкусот на тутун.
Еврокомесарот Мекграт изјави дека размерот на проблемот е значителен и повика на посилна соработка низ Европа. По набљудувањето на лабораториските тестирања во „Сциенсано“, тој нагласи дека ЕУ треба подобро да ги користи постојните истражувања и да ја подобри координацијата меѓу националните власти.
Се очекува во текот на оваа година Европската комисија да предложи ажурирани правила за надзор на пазарот.