Emre Başaran
18 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
ТЕЛ АВИВ (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден денес изјави дека експлозијата во која загинаа над 500 лица во баптистичката болница Ал-Ахли во Газа не била предизвикана од израелските воздушни напади, јавува Анадолу.
„Врз основа на она што го видов се чини дека тоа го направила другата страна, а не вие“, рече Бајден за време на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, мислејќи на израелските тврдења дека за нападот е одговорна палестинската група Исламски џихад.
„Има многу луѓе на кои не им е јасно тоа, така што мора да надминеме многу работи“, додаде американскиот претседател, кој денес пристигна во Израел во брзо договорената посета во период на судир со палестинската група Хамас.
Бајден вети уште поголема поддршка за Израел за судирот со Палестинците, кој пред 12 дена се разви во отворена војна.
Треба да се осигури дека Израел го има „она што му треба за да продолжите да се браните“, рече Бајден, повторувајќи дека Израел има право на самоодбрана.
„Ќе се погрижиме да се случи тоа, како што знаете“, му рече тој на Нетанјаху.
„Исто така, треба да имаме на ум дека Хамас не го претставува целиот палестински народ“, изјави Бајден, додавајќи дека групата „отсекогаш им носела страдање“.
Во вчерашната изјава Бајден рече дека е „длабоко тажен од експлозијата“ во болницата.
Над 500 лица загинаа синоќа во израелски воздушен напад врз баптистичката болница Ал-Ахли во Газа, изјави за Анадолу портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф ал-Кудра.
Снимките на социјалните мрежи покажаа голем број тела низ болницата.
Илјадници Палестинци, меѓу кои и жени и деца, биле во болницата кога зградата е бомбардирана, јави репортерот на Анадолу.
Побивајќи ги израелските тврдења дека Исламски џихад, Хамас или друга палестинска група е одговорна за експлозијата, турскиот владин Центар за борба против дезинформации доцна синоќа укажа на форензички докази од експлозијата, како и на израелските предупредувања дека цел ќе бидат болниците бидејќи таму имало засолнети борци.
Дванаесет дена од почетокот на конфликтот со групата на отпорот Хамас, израелските бомбардирања и блокадата на Појасот Газа продолжуваат, со раселени над еден милион луѓе, речиси половина од вкупното население на Газа, соопшти Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).
Борбите започнаа на 7 октомври кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад од повеќе страни со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Досега во вооружениот конфликт загинаа над 4.700 луѓе, од кои најмалку 3.300 Палестинци и над 1.400 Израелци.