Ekip
23 Декември 2022•Ажурирај: 25 Декември 2022
БЕРЛИН (АА) - Земјите од Групата Г-7 остануваат силно посветени на поддршката за Украина во војната против Русија, изјави вчера германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, известува Агенција Анадолија (АА).
„Како Г-7, денеска многу јасно порачавме дека нема да се откажеме од нашата поддршка за Украина сѐ додека Русија ја води оваа брутална и нелегална агресорска војна. Народот на Украина во исто време ја брани и нашата слобода“, рече Баербок на брифингот со данскиот колега Ларс Локе Расмусен во Берлин, главниот град на Германија.
Шефицата на германската дипломатија, чија земја претседава со Групата Г-7 до крајот на годината, истакна дека претходно, во текот на денот одржала виртуелен состанок со останатите министри за надворешни работи на Г-7, фокусирајќи се особено на понатамошната поддршка за Украина.
Во соопштението за новинарите, министрите за надворешни работи на Групата Г-7 повторно најостро ја осудија руската незаконска, неоправдана и од ништо предизвикана агресија против Украина.
Тие, исто така, изразија потполна солидарност и непоколеблива поддршка за Украина и нејзиниот народ, колку што е тоа потребно.
Групата Г-7 (светски економски врв) е име за консултативниот форум на седумте најзначајни индустриски земји во светот.
Го сочинуваат премиерите на владите на САД, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија. На конференциите тие дискутираат за глобалните проблеми на светската економија како што се меѓународните долгови, енергетика, заштита на околината, меѓународната трговија со оружје и дрога.