Gökhan Kavak
27 Јуни 2022•Ажурирај: 28 Јуни 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот на Комисијата на Африканската унија (АФБ), Муса Факи Мухамед, повика на истрага за нерегуларните мигранти кои загинаа при обидот да преминат од Мароко во Шпанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мухамед, во објава на својот профил на Твитер, истакна дека снимките се шокантни и алармантни.
Повикувајќи на итна истрага за смртните случаи, Мухамед рече дека сите земји треба да ги исполнат своите обврски според меѓународното право во однос на мигрантите, и да ги почитуваат човековите права.
Истакнувајќи дека треба да се избегнува прекумерна употреба на сила против мигрантите, Мухамед рече: „Длабоко сум шокиран и загрижен од насилството и понижувачкиот третман на кој се изложени африканските мигранти додека се обидуваат да преминат од Мароко во Шпанија.“
- Тврдење дека загинале 37 мигранти -
Во инцидентот што се случи на мароканско-шпанската граница во Мелила утрото на 24 јуни, приближно 1.500 нерегуларни мигранти од мароканска страна се собраа на граничната линија која има бодликава жица висока 10 метри.
Мароканската полиција и шпанските власти обвинија дека нерегуларните мигранти организирано се собираат на границата и ги напаѓаат безбедносните сили со фрлање камења и киселина.
Мароканската Влада соопшти дека загинале 18 мигранти, а над 100 лица се повредени, меѓу кои и припадници на мароканската полиција.
Од друга страна, шпанската невладина организација „Каминандо Фронтерас“ тврди дека во инцидентот загинале 37 мигранти.
133 од нерегуларните мигранти поминале во Мелила, а соопштено е дека има повредени и на шпанска страна.