Ekipa
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
ЗАМБОАНГА (АА) - Делегатите на 31. Самит на Асоцијацијата на нациите на Југоисточна Азија (ASEAN), денес изразија длабока загриженост во врска со ситуацијата на муслиманите Рохинџа (араканските муслимани), велат официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата во рамките на состаноците на АСЕАН во Манила, Хари Роуг помладиот, портпарол на филипинскиот претседател, изјави дека лидерката Аунг Сан Су Чи ги уверила другите нации на Југоисточна Азија дека нејзината земја ќе им овозможи безбедно враќање на Рохинџите кои од Аракан заминаа во Бангладеш.
Роуг за меѓународните и локалните новинари изјави дека враќањето на Рохинџите во нивната татковина ќе се случи три недели по договорот на Мјанмар со Бангладеш.
„Мјанмар одговори; се разгледува извештајот на Кофи Анан“, рече тој, осврнувајќи се на извештајот објавен од страна на Советодавната комисија на Аракан, предводена од поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, во којшто беа препорачани конкретни активности за решавање на прашањето, вклучувајќи издавање потврда за државјанство, права и еднаквост пред законот, како и документација.
„АСЕАН изрази загриженост во врска со Рохинџите“, додаде Роуг.
Според Роуг, Филипините ја потврдија потребата да им помогнат не само на раселените семејства од Марави, туку и на бегалците Рохинџа.
Секретарот за надворешни работи, Алан Петар Каетано, потврди дека Мјанмар упати повик до АСЕАН за хуманитарна помош и оти Филипините се подготвени да испратат помош.
„Она што беше многу продуктивно за овогодишниот состанок беше признанието на Мјанмар дека им е потребна помош“, изјави Каетано за новинарите.
Филипините веќе имаа донирано за Мјанмар за време на официјалната посета на претседателот Родриго Дутерте во Непјидо, во март, и испратија дополнителна хуманитарна помош на 14 октомври, во Центарот за хуманитарна помош на АСЕАН, кој започна со работа во февруари 2016 година.
Според ОН, проценето е дека од 25 август, од Аракан во Бангалдеш пребегале 613.000 лица.