Арапските држави ги осудија изјавите на Нетанјаху за визијата за „Голем Израел“
Нетанјаху претходно изјави дека се чувствува „многу приврзан“ кон визијата за Голем Израел и дека смета дека е „на историска и духовна мисија“ која ја сонуваат „генерации Евреи што дошле и ќе дојдат тука“

ИСТАНБУЛ (АА) - Неколку арапски држави остро ги осудија изјавите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е приврзан кон визијата за „Голем Израел“, оценувајќи ги како „закана за суверенитетот на државите“, јавува Анадолу.
Нетанјаху за телевизискиот канал „i24“ изјави дека се чувствува „многу приврзан“ кон визијата за Голем Израел и дека смета дека е „на историска и духовна мисија“ која ја сонуваат „генерации Евреи што дошле и ќе дојдат тука“.
Терминот „Голем Израел“ во израелската политика се однесува на проширување на израелската територија за да ги опфати Западниот Брег, Газа и Голанската Висорамнина, а според некои толкувања и Синајскиот Полуостров во Египет и делови од Јордан.
Египет побара појаснување на изјавите, предупредувајќи дека „тие ја поттикнуваат нестабилноста и го одбиваат мирот во регионот“.
Коментарите „се спротивставуваат на аспирациите на регионалните и меѓународните страни кои го ценат мирот и се стремат да постигнат безбедност и мир за сите народи во регионот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
„Единствениот пат до мир е преку враќање на преговорите и прекин на војната во Газа, што ќе доведе до воспоставување палестинска држава“, се вели во соопштението.
Јорданското МНР ги оцени коментарите како „опасна и провокативна ескалација, закана за суверенитетот на државите и прекршување на меѓународното право и Повелбата на ОН“. Според Јордан, таквите изјави ја поттикнуваат спиралата на насилство во Газа и на Западниот Брег, а меѓународната заедница треба итно да реагира за да се спречи заканата по регионалната и глобалната стабилност.
„Овие заблудни тврдења, кои се одразуваат во изјавите на израелските претставници, нема да влијаат на Јордан и арапските држави и нема да ги намалат легитимните и неотуѓиви права на палестинскиот народ“, се додава во соопштението.
„Овие тврдења и заблуди усвоени и промовирани од екстремистите на израелската Влада поттикнуваат продолжување на циклусите на насилство и конфликт“ во Газа и на Западниот Брег, соопшти Министерството.
Јордан ја повика меѓународната заедница да преземе итни мерки за да ги запре „провокативните мерки и изјави на Израел што ја загрозуваат стабилноста на регионот и меѓународниот мир и безбедност“.
Палестинската управа ги нарече изјавите на Нетанјаху „игнорирање на легитимните права на палестинскиот народ“ и „опасна провокација“, повторувајќи го ставот за воспоставување независна палестинска држава во рамките на границите од 1967 година со Источен Ерусалим како главен град.
Јеменското Министерство за надворешни работи ги осуди изјавите како „отворено кршење на меѓународното право“ и предупреди дека продолжувањето на израелските политики ќе донесе „уште поголема нестабилност во регионот“.
- Сериозна закана -
Катар ги опиша изјавите како „арогантно продолжение на окупациската политика, што поттикнува конфликти и грубо го нарушува суверенитетот на државите“. Саудиска Арабија ги отфрли „експанзионистичките идеи“ на израелските власти и го потврди „историското и законско право на палестинскиот народ на независна и суверена држава“.
Министерството ја потврди целосната поддршка на Катар за „сите напори насочени кон постигнување праведен, сеопфатен и одржлив мир во регионот“.
Саудиското Министерство за надворешни работи ги отфрли „експанзионистичките идеи и проекти“ што ги спроведуваат израелските претставници и го потврди „историското и законско право на братскиот палестински народ да ја воспостави својата независна, суверена држава на својата земја“.
Арапската лига во соопштение ги осуди „агресивните и експанзионистичките тенденции“ на Израел, нарекувајќи го „сериозна закана за колективната арапска национална безбедност“.
Организацијата за исламска соработка (ОИС) во соопштението нагласи дека изјавите „се обид да се избегнат меѓународните обврски на Израел како окупаторска сила и да се продолжи со кршење на легитимните права на палестинскиот народ, пред сè, нивното право на самоопределување и воспоставување независна држава на границите од 1967 година со Источен Ерусалим како главен град“.
Во него се предупредува „за опасностите од оваа колонијална, експанзионистичка реторика, која претставува закана за регионалниот и меѓународниот мир и безбедност, го поттикнува циклусот на насилство и го продолжува и проширува конфликтот во регионот“.
Палестинската група Хамас изјави дека коментарите на Нетанјаху „јасно ја нагласуваат опасноста што овој фашистички ентитет ја претставува за сите земји и народи во регионот и неговите експанзионистички планови кои не штедат ниту една држава“.
Израел се соочува со зголемена осуда за својата геноцидна војна во Газа, каде што од октомври 2023 година уби речиси 61.800 Палестинци.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.