Ayhan Şimşek
04 Август 2025•Ажурирај: 05 Август 2025
БЕРЛИН (AA) – Само 16% од Германците изјавиле дека „дефинитивно“ би се вооружиле за да ја бранат својата земја во случај на воен напад, покажува новата анкета објавена денес, јавува Анадолу.
Истражувањето на Институтот Форса открива распространета неподготвеност кај германското население за воено ангажирање и покрај честите предупредувања од страна на политичарите и воените лидери дека земјата треба да се подготви за можен вооружен конфликт.
Според резултатите, јасно мнозинство од 59% од испитаниците рекле дека „веројатно не“ или „дефинитивно не“ би учествувале во воена одбрана на Германија доколку дојде до напад. Кај жените, оваа неподготвеност е уште поизразена – дури 72% рекле дека не би учествувале во воен конфликт.
Покрај 16% што изјавиле дека „дефинитивно“ би се бореле, дополнителни 22% рекле дека „веројатно“ би го направиле тоа, со што вкупниот број на оние што потенцијално би зеле оружје за одбрана достигнува 38%.
Анкетата е спроведена по нарачка на медиумската група RedaktionsNetzwerk Deutschland и опфатила околу 1.000 германски граѓани во периодот од 28 до 29 јули.
Германија значително ги зголеми воените трошоци по почетокот на конфликтот меѓу Русија и Украина во 2022 година. Германските разузнавачки служби и армијата повеќепати предупредија дека Русија би можела да биде подготвена за напад врз некоја земја членка на НАТО во наредните пет години.